09.12.2025
Зошто Дедо Мраз не те сака?!
Зошто Дедо Мраз не те сака?!
Тимот на Кајак.мк, пред самиот крај на годинава, реши преку малку сатира и голема доза реалност, да потсети на нашите секојдневни „маани“, кои – да бидеме искрени – сами си ги создаваме. Со нив, Македонија наместо да биде место, ја претвораме во место во кое секој гледа за сопствениот двор, а не го интересира за улицата пред него. Ај да видиме зошто Дедо Мраз годинава можеби ќе не заобиколи… и не е затоа што Македонија е можеби една од земјите со највкусна храна и прекрасни планини.
Прво правило: Фрли го ѓубрето, ама најди оригинално место!
Во Македонија важи едно тајно правило: ако не си фрлил отпадоци на улица – дали воопшто си дел од нацијата?
Сѐ се фрла: салфети, кеси, шишиња, отпушоци… а омилената дестинација? – Директно преку прозорец од автомобил. Кај нас во природа важи принципот „остави траг дека си бил тука“.
Планина? Фрли кеса – нека се знае дека си искачил врв.
Парк? Истури пиво – па не си ти тука дојден за медитација, туку за „ќеф“.
А изговорот? „Ќе дојдат од општина, тие се платени за тоа“.
Зеленило? А, да… тоа местото за паркирање!
Ако кај нормалните земји парковите служат за релаксирање, кај нас служат за импровизирана гаража.
Нема место на улица или катна гаража? Нема проблем – ќе паркирам на тревата!
И потоа се чудиме зошто нема зелена површина. Па како да има, кога со секоја гума косиме трева подобро и од косилка?
Сметка? Не фала, „да ми биде поевтино“
Една од нашите супермоќи е: „Ако може без фискална, може и без грижа на совест“.
Сакаме евтино, ама сакаме и:
-
подобро образование,
-
подобро здравство,
-
европски институции.
Ама нека ги плати некој друг. Ние ќе пазараме „на црно“, а ќе се жалиме што државата нема пари.
Дедо Мраз само гледа… и запишува во тефтер.
Почитување? Епа, тоа е старомодно!
Однесувањето го сведовме на:
-
„Јас прв!“
-
„Јас сум поважен!“
-
„Нека си стојат, јас брзам!“
Нема толеранција кон постарите, кон бремените жени, кон животните, па ни кон билките кои се обидуваат храбро да преживеат меѓу бетон и градби.
Законот да важи за сите… освен за мене!
Мислиме дека сме најпаметни кога „ќе фатиме кусок“.
Не почитуваме ред, ги избегнуваме обврските, а притоа имаме желба да живееме во правна, функционална држава.
Е па, Дедо Мраз вели: „Не можам да ви подарувам ред, ако вие сами не сакате да го создадете“.
Па тогаш, што сака Дедо Мраз?
Искрено – сака една многу едноставна работа:
да тргнеме од себе.
✔ Почитувај ја Македонија
✔ Почитувај ги законите
✔ Чисти зад себе
✔ Не создавај нов отпад
✔ Брани ја природата
✔ Биди човек, не турист во сопствената држава
Со тек на време, ако сите малку се смениме – ќе видите дека Дедо Мраз ќе дојде, ќе седне под елката, и конечно ќе ни донесе она што сите го сакаме – подобар живот.
И за крај – патувајте!
Патувајте низ Македонија!
Промовирајте ги убавините на нашата земја,
бидете патриоти на прав начин,
грижете се за културното наследство,
почитувајте ја природата,
и бидете добри локални водичи за туристите.
Така, можеби – само можеби – догодина Дедо Мраз нема да нѐ прескокне… и ќе сфати дека Македонија е место каде вреди да се застане. 🎅✨
Блог
Препораки
Прочитајте повеќе
Предлог дестинација за овој викенд: Преспа – езерската убавина која повторно го привлекува вниманието на патниците
Откријте ја убавината на Преспа овој викенд. Посетете ги Претор, Отешево и Крани, истражете ги локалните атракции и пронајдете идеално сместување покрај Преспанското Езеро.
Неделно откритие од Македонија: Изворите на Бабуна
Високо во Јакупица, над Нежилово, се наоѓаат изворите на Бабуна – недопрено планинско подрачје каде реката започнува како мрежа од мали студени извори меѓу шума, камен и тишина.
Една година подоцна: Како директната линија Истанбул – Охрид го отвори Охрид кон светот
Една година подоцна: Што донесе линијата Истанбул – Охрид за туризмот во Македонија?
Лето 2026: новата слика на туризмот – од класичен одмор кон искуства, планини и микро-дестинации
Лето 2026 ја носи новата насока на туризмот – од класични одмори кон автентични искуства, планински авантури и откривање на микро-дестинации што нудат вистинска поврзаност со природата и локалната култура.
Неделно откритие од Македонија: Смрдлива Вода – Кожуф
Смрдлива Вода на планината Кожуф е планинска дестинација позната по минералниот сулфурен извор, чистиот воздух и пристапот до планинарски патеки, идеална за одмор и рекреација во природа.
Тим билдинг во Грција? Semos Cloud знае зошто!
Тим билдинг во Грција? Semos Cloud знае зошто! Организирање тим билдинг во Грција кога сонцето има магија да ни создаде тен за старт на летната сезона.