06.08.2020
Во Македонија има хотел кој плени со охридска архитектура
Во Македонија има хотел кој плени со охридска архитектура
Хотелски комплекс „Десарет“ - Пештани, дело на архитект Пантелеј Митков. Еден од бисерите на македонската хотелска архитектура од XX век, граден од 1971 - 1973 г., отворен 1975 г., со дополнителен анекс од 1984 г.
Уникатниот комплекс е најспецифично проектно обликовно решение од доменот на хотелската архитектура во Охрид, а веројатно и во цела Македонија.
Умешно е направена извонредна реинтерпретација на охридската архитектура преку решавање на крововите на школски, традиционален начин, употреба на охридски кровен венец, и примена на олучеста (полукружна) ќерамида која е традиционално користена на овие простори со векови.

Тенденцијата да се истакнат традиционалните материјали е видливо со обемното користење на дрвото како материјал. Од него се изработени прозорските рамки и балконските огради, а намерно е видлива и потконструкцијата од стреите со цел да бидат видливи дрвените рогови, косници и опшивки. Освен тоа, доминантно видливи се и полутранспарентните дрвени брисолеи, какви што се и преградите помеѓу балконите. Дрвото е користено и во внатрешноста на објектот: за ѕидни облоги, спуштени плафони, огради и разни декорации.

Ваквото користење на елементи од традиционалната охридска архитектура е вешто искомбинирано со елементи на модернизмот како што се широките тераси, истурените и доминантни стреи, и големите фасадни отвори.
Композициски, хотелот е од павилјонски тип, а уште еден елемент присутен од модерната архитектура се неколкуте мостови (дел отворени, дел затворени ходници), со кои се меѓусебно поврзани павилјоните.

Главниот влез во хотелот е под еден таков затворен мост кој ги поврзува првиот дел од хотелот со анексот од 1984 г., и кој истовремено претставува широк наткриен трем под кој поминува автомобилскиот пристап до главниот влез. Ова е можеби мала симболична аналогија на улиците-темници од типот на „Коста Абраш“ во Охрид, кои поминуваат под првите катови на куќите.
Посебно впечатливи се и одвоените девет вили кои претставуваат целосна аналогија на охридската куќа, и кои на некој начин формираат „маало" на стрмен терен во рамки на хотелскиот двор. Ова „маало“ има тесни стрмни премини помеѓу куќите, дел од нив решени со скали, а местимично е користен и каменот како материјал. Ваквото решение е веродостојна реинтерпретација на охридските маала.

Особено внимание е посветено и на партерното уредување. Хотелските објекти се „насадени“ низ партерот, не ја нарушуваат неговата природна топографија, а нивните влезови се од неколку различни нивоа. Партерот е прошаран со скали и патеки под наклон, избегнувани се прави агли со цел движењето да биде поприродно. Ваквото органско решавање на партерот е аналогија на стариот град во Охрид, кој се развивал органски, но спонтано растејќи низ годините.

Со отворањето на хотелот во 1975 г., селото Пештани и дефинитивно се приклучува на мапата како еден од најпознатите езерски туристички центри во Македонија.
Се надевам дека нареден пат кога ќе го посетите, ќе обрнете внимание на горенаброените специфичности без да треба да имате формално архитектонско образование.
Бошко Видоески
#МакедонскаАрхитектура
#НаучиНештоПлусЗаМакедонија
Блог
Препораки
Прочитајте повеќе
Викенд идеја: Ротинско Езеро и Нижеполе – совршен спој на мир, планина и природа близу Битола
Откријте ја викенд дестинацијата Ротинско Езеро и Нижеполе кај Битола – комбинација од езерска тишина, планински пејзажи и локална гастрономија. Идеја за кратко бегство во природа.
Нова дрвена куќичка во Суви Лаки со приватно џакузи идеално за викенд уживање!
Сместена на 1000 метри надморска височина, опкружена со борова шума, чист планински воздух и целосен мир, оваа куќичка е создадена за сите оние кои сакаат да избегаат од градската бучава и да се поврзат со природата.
Неделно откритие од Македонија: Скриени приказни што вреди да се споделат
Откријте ја „АЛ-БИ“ библиотеката во Бабино, Демир Хисар — уникатен културен центар и приватна иницијатива посветена на зачувување и достапност на книжевното наследство во Македонија.
Осоговските планини стануваат новиот центар за авантуристички туризам во Македонија
Откриј ги Осоговските планини со Kajak.mk – АТВ тури, кампување под ѕвезди, пикник во природа, коњички тури и уникатни авантури во Македонија.
Дали знаете дека во Македонија има дрвени куќички со панорамски поглед на Охридско Езеро?
Денеска ве водиме во Горна Белица, планинско село сместено на 1440 метри надморска височина, каде природата, тишината и погледот кон Охридското Езеро создаваат доживување кое тешко се заборава.
НОВО: Набљудување на ѕвезди со телескоп во Македонија | Kajak.mk
Доживејте набљудување на ѕвезди со професионален телескоп на локација по ваш избор во Македонија. Идеално за групи, тим билдинг и приватни настани под отворено небо.