10.10.2022

Заедно со нашиот шестмесечен син се искачивме на највисокиот врв на Македонија- Кораб

Заедно со нашиот шестмесечен син се искачивме на највисокиот врв на Македонија- Кораб

За оние родители кои се прашуваат и двоумат дали треба да ги однесат своите новородени бебиња и мали деца на планина, одговорот е- ДА. Но сепак, треба да бидат внимателни, искусни и да ги почуваат правилата на планината.


За оние кои имаат оправдувања дека не се во можност да планинарат поради обврските кон своите деца, тимот на Кајак.мк денеска ви пркоси со приказната на Михаела и нејзиниот сопруг Филип, кои заедно со својот шестмесечен син Исак, го искачија највисокиот врв во Македонија, врвот Кораб.

Михаела вели дека со својот сопруг Филип Илиоски се големи љубители на планините. Планинарењето им започнало од првиот ден кога се запознале. Оттогаш планинарат доста често и досега имаат посетено доста врвови во Македонија.


Таа додава дека кога се враќа од планина се чувствува како да си оди дома од некој долг пат. Планините неа ја исполнуваат и даваат сила, ги полнат батериите за да може да се соочи со брзиот живот во секојдневието. Единствено таа се пронаоѓа себе на планина.

Планинарат веќе 4 години заедно. Досега ги посетиле Селечката планина (Планинарски дом Томе Темелкоски, врв Чуле, Устрелец, Ливада), потоа Солунска Глава, Љуботен, највисокиот врв во Македонија, Кораб каде што го понеле и нивниот шестмесечен син Исак.

Планинарењето е единствениот спорт кој ти дава можност да го гледаш светот од високо. Да се искачиш на врвот и да погледнеш под себе, да сфатиш кој си, да размислиш за себе, вели Михаела.


Тимот на Кајак.мк ги запраша како одлучиле го одведат Исак на планинарење, на кое Михаела ни го даде следниот одговор:

Беше петок, седевме со сопругот и разговаравме на кој врв да се искачиме. Тој предложи тоа да биде Кораб. Прво малку се замислив, ми беше страв искрено. Размислував за се, тежината на турата, адаптацијата на бебето на висината, разредениот воздух и многу други работи, но на крај реков одиме. Тргнавме од караулата каде што има пат за со кола и се движевме нагоре. По патот поминавме одлично. Исак, беше сместен во специјален ранец за деца, односно од 6 месеци па нагоре и истиот го носеше Филип. Имавме плачки за јадење 3 пати, но не беше ништо страшно, тоа е една од вообичаените работи што се случуваат секој ден.


По добри 4,5 часа пешачење се најдовме на највисокиот врв во Р.Македонија. Пред нас се појави зелена табла на која пишуваше Кораб 2764 мнв. Исак, се разбуди од спиење бидејќи претходно беше заспан и почна да се смее. Да бидам искрена, сите бевме изненадени, бидејќи е толку мал, а веќе разбира и ужива на планина. Имаше околу 20 луѓе на врвот кои беа од различни земји, сите зборуваа англиски и ни честитаа, ни упатуваа поддршка и комплименти за нашиот подвиг. Исто така, еден од планинарите на англиски не замоли да се слика со Исак, со што без проблем се согласивме. Потоа сите заедно јадевме на врвот и тргнавме за назад. Исак спиеше поголемиот дел од патеката. Од врвот дури пред бачилото почна да му се јаде, застанавме му дадовме да јаде и продолживме. Тој ден го поминавме одлично. Искрено сум изненадена од тоа каки едно бебе може да се адаптира толку брзо, дури и побрзо од возрасен човек. Искуството со бебе на планина е одлично. Посебно ако двајцата родители се планинари. Сепак, планините знаат да бидат толку сурови. Тие си имаат свои правила кои сите ние мораме да ги почитуваме. Не смееме во ниту еден случај да ја потчиниме моќта на планините“, раскажува Михаела.


Михаела ги советува родителите да не се двоумаат за тоа дали треба да го носат своето дете на планина. Потребно е да обезбедат соодветна опрема и да го носат секаде со нив. Најпрво, да понесат 1,5 литар вода за бебето (за припрема на храна), потоа 2 бебешки шишиња кои ќе бидат полни до вода или чајче кое ќе ги заштити од дехидрираност малечките деца. Капа, шал, ракавици, влажни марамици, храна за бебе, овошје, памперс, хулахопки, 3-4 пара чорапи, скафандер за скијање, чевлички, 2 цуцли, наочари за бебе за заштита од сонце, ќебе, кои се само дел од основните работи кои треба да се носат кога ќе се оди со бебе на планина. Оваа опрема важи и за во лето. Како што и претходно споменавме, планините се непредвидливи и знаат да бидат толку сурови. Може да се случи во котлините за време на поаѓањето да ве грее сонце и да биде 25 степени, а на врвот да е 1-2 степени целзиусови.


„Ранецот за бебе е најдоброто нешто во кое сме инвестирале. Претходно, на само 2,5 месеци го одведовме Исак на Пелистер до планинарскиот дом Ловечка, кој за жал неодамна изгоре. Тој е на 2000 мнв. Потоа, на планинарскиот дом Томе Темелкоски, местото викано Казанташ, на Топташ, додава Михаела.


Покрај успешните тури, Михаела вели дека имале и неуспешно искачување на Солунска Глава, каде на 100 метри пред завршетокот почнало да дува силен ветар и морале да се вратат назад. Ова укажува на тоа дека планинарењето во никој случај не треба да биде фросирано на сила, туку треба дисциплина и свесност. Особено кога се патува со мали деца.

Остави Коментар

Прочитајте повеќе

Излетничките места – идеална дестинација за викенд бегство во природата

Откриј ги најубавите излетнички места во Македонија – идеални дестинации за викенд прошетки, природа, авантури и мир со kajak.mk.

Вкусови од Македонија: автентично гастрономско патување

Доживејте ги автентичните вкусови на Македонија преку нејзината богата гастрономска традиција. Откријте локална храна, културни приказни и незаборавни искуства.

Како да се одржи автентичноста и квалитетот кога туристите се повеќе доаѓаат

Откријте како Македонија може да го задржи својот автентичен дух и квалитет во време кога бројот на туристи расте секој ден.

Живот на село во Македонија: Мир, природа и автентично искуство

Откријте зошто животот на село нуди мир, чист воздух, здрава храна и блиска заедница. Селото е идеално место за здрав и исполнет живот.

Село или град: каде младите во Македонија го гледаат својот живот?

Село или град – каде младите во Македонија го гледаат својот живот? Анализа на последните пет години, мотиви, трендови и избори на младите, со поглед на урбаната динамика и руралната иднина.

Засадивме 1700 дрвца: За секоја онлајн резервација извршена преку Кајак.мк во изминатиот период

За секоја онлајн резервација и уплта преку Кајак.мк вие донирате по едно дрвце за пошумување во Македонија. Тимот на Кајак.мк на 01.11 засади нови 1700 дрвца во Македонија за најновите 1700 онлајн резервации извршени преку Кајак.мк во изминатиот период.